Thymus vulgaris L. или „мајчина душица“е добро познатата традиционална лековита билка од родот „Thymus“(fam. Lamiaceae) кој го сочинуваат приближно 400 видови и подвидови на ароматични растенија.
Таа е едно од препознатливите растенија во многу делови од светот, особено низ Медитеранот, Северна Африка, Азија и Европа. Користена уште од античко време како лековито растение, билен чај, стимуланс, против надуеност и кашлица, против настинка додека во средниот век се користела и како конзерванс за храна и темјан. Благодарение на специфичниот вкус и арома, мајчината душица е една од главните кулинарски состојки и денеска. Но дека таа претставува повеќе од зачин говорат значајните терапевтски карактеристики потврдени и од СЗО (Светска Здравствена Организација). Мајчината душица и нејзиното масло влијаат антисептично, антиинфламаторно, антиоксидативно и антимикробно врз целокупното човеково здравје. Ваквото влијание се должи на двете доминанти фенолни соединенија содржани токму во маслото од мајчината душица познати како тимол и карвакрол.
Антимикробната и антибактериската активност се должи на активноста на тимолот. Научните студии посочуваат силна антимикробна активност против различни видови бактерии како што се Helicobacter pylori, Salmonella typhimurium, Staphylococcus aureus, а исто така и против одредени видови габични инфекции предизвикани од Aspergillusflavus, Aspergillusparasiticus и Candida albicans.
Во традиционалната медицина се користи за лекување на респираторни заболувања како што се астма и бронхитис. Влијанието на тимолот овозможува да се рашират бронхиите и да се спречи развој на други бактерии, а исто така го олеснува искашлувањето на тој начин што го разредува секретот.
Мајчината душица и нејзиното масло имаат благопријатно влијание врз гастроинтестиналниот тракт. Тимолот и карвакролот ја зголемуваат активноста на одредени ензими во цревата и панкреасот. Тие исто така ја подобруваат функцијата на црниот дроб и го регулираат апетитот.
Мајчината душица ја подобрува функцијата на бубрезите, и може да биде корисна за лекување на дијабетес и други компликации поврзани со дијабетес.
Мајчината душица претставува лековито растение со исклучителна нутритивна вредност бидејќи во својот состав изобилува со витамините Ц, А, Б6, а исто така забележано е и присуството на витамин К, Е и фолна киселина.
Витаминот Ц, кој е најголем антиоксидант обезбедува отпорност кон микробни инфекции, зајакнувајќи го имунолошки систем и на тој начин ја намалува подложноста на акутни и хронични заболувања.
Мајчината душица е целосно природно решение за мрсна кожа и акни. Неговите антиинфламаторни својства поради присуството на витаминот А помагаат во намалувањето на акните и одржување на чиста кожа.
Таа обезбедува до 27% од дневниот препорачан внес на витамин Б6 и на тој начин влијае смирувачки при стресни состојби, состојби на физичка и ментална слабост и ја намалува несоницата.
Покрај витамините мајчината душица изобилува и со минерали кои се од витално значење за општото здравје. Нејзините листови се одличен извор на калиум, калциум, железо, манган, магнезиум и селен, минерали кои имаат улога во контрола на срцевиот ритам и крвниот притисок, во активација на одредени ензими и подобрување на состојбите со анемија.
Литература:
Almanea A., Abd El-Aziz S.G., & Ahmed M.M.M (2019). The Potential Gastrointestinal Health Benefits of Thymus Vulgaris Essential Oil: A Review. Biomedical & Pharmacology Journal, Vol. 12(4), p. 1793-1799
Dauqan A.M.E. & Abdullah A., (2017). Medicinal and Functional Values of Thyme (Thymus vulgaris L.) Herb. Journal of Applied Biology & Biotechnology 5 (02); 017-022
Prasanth Reddy V., Kandisa R.V., Varsha P.V & Satyam S. (2014). Review on Thymus vulgaris Traditional Uses and Pharmacological Properties. Medicinal & Aromatic Plants SSN: 2167-0412 MAP Volume 3. Issue 3
Mehta D. (2021). Objective Review of Thymus vulgaris: A Review with Latest Updates on Pharmacological Properties and Phytoconstituents. Inventi Rapid: Planta Activa, Issue 1 [ISSN 2278-411X]
https://tailormadehealth.com/thyme-plant-benefits/
Comments